Можете да ги препознаете овие делови?
Спојка, алтернатор, брегасто вратило, инјектори за гориво. Сите имаат слушнато за овие зборови. Но, дали навистина знаете како тие изгледаат и како работат?
Под хаубата на автомобилот се крие свет од интересни уреди и делови, изработени од челик, алуминиум и други материјали, кои инженерите ги усовршуваат повеќе од еден век. Современите електронски системи овозможуваат денешните возила да поседувваат својства кои не биле достапни пред една или повеќе децении. Но, техничката основа на моторите со внатрешно согорување не е сменета многу. Моторите уште ги имаат истите компоненти, иако тие стануваа сé поефикасни и пософистицирани со текот на годините. Секој автомобилски ентузијаст ги знае имињата на деловите, но ретко има можност да ги погледне и да се присети на нивната функција.
Skoda Fabia неодамна го комплетираше супертестот на 100.000 километри на германскиот магазин Auto Bild. Независни експерти по маратонот ги расклопуваат возилата до најситниот дел и оценуваат, како и дали воопшто, стоте илјади километри влијаеле врз техниката на возилото. Чешката марка ни ја нуди оваа единствена можност да ги погледнеме деловите по супертестот. Секако дека тестираната Skoda Fabia Combi 1.2 TSI со менувач DSG го мина тестирањето беспрекорно.
Коленасто вратило
Очигледно е зошто овој најсуштински дел од моторот се нарекува коленасто вратило. Секој агол е пресметан до милиметар, поточно до стоти дел од милиметарот. Тоа се наоѓа долу во моторот и има задача да го претвори вертикалното движење на клиповите во сопствено кружно движење, коешто понатаму преку преносот и погонските оски се пренесува на тркалата. Потемните делови се балансирачки контратегови, коишто служат за смирување на работата на моторот.
Глава на мотор и капак на вентили
Овие два дела се нераздвојни. На фотографијата, главата на моторот е лево, капакот на вентилите (често се нарекува и декла, од германскиот „Deckel“) е десно. Највоопштено, тие може да се опишат како делови што го затвораат моторот, додека горивото, воздухот и издувните гасови циркулираат оздола. Многу суштински делови се наоѓаат во главата на моторот, како што се вентилите, инјекторите за гориво, вшмукувачките и издувните канали, коморите за согорување…
Глава на мотор
На оваа фотографија е прикажана главата на моторот од друг агол. Таа е прицврстена на блокот на моторот и ги содржи коморите за согорување и вентилите. Моторот 1.2 TSI има четири вентили по цилиндар и по два вшмукувачки и издувни канали.
Капак на вентили
Брегастите вратила се наоѓаат под капакот на вентилите и точно раководат со отворањето и затворањето на вшмукувачките и издувните вентили, со цел да се постигне највисока ефикасност, во согласност со контролната електроника на моторот. Во капакот на вентилите се наоѓа отворот за долевање моторно масло.
Блок на мотор
Со своите 19,5 килограми во случај на 1.2 TSI, ова е еден од најтешките делови во возилото. Блокот мора да биде исклучително круг и издржлив, бидејќи во него се случува процесот на согорување, односно безброј мали и контролирани експлозии. Овој блок конкретно е изработен од комбинација од сив лив и алуминиумска легура.
Сад за масло
Садот за масло (или картер) е резервоар за моторното масло. Тој е прицврстен под блокот на моторот и содржи неколку важни делови: Светлосивиот цилиндар е филтерот за масло, сензорски модул ја надгледува количината и квалитетот на моторното масло, а тука се наоѓа и завртката за испуштање на маслото.
Клип и вентили
Движењето на клиповите во блокот на моторот е тоа што го движи автомобилот. Клиповите се изработени од алуминиумска легура и секој се состои од 14 делови, вклучувајќи ја и клипницата што ги поврзува клипот со коленастото вратило. Во 1.2 TSI има четири вентили по цилиндар – по два вшмукувачки и два издувни вентили.
Инјектори за гориво
Инјекторите за гориво го впрскуваат горивото директно во цилиндрите. Тие работат под висок притисок и располагаат со вкупно шест отвори, кои рамномерно го распрскуваат горивото во комората за согорување. Тоа е важно за постигнување оптимална ефикасност на согорувањето, а со тоа и за потрошувачката на гориво и чистотата на издувните гасови.
► Во следниот дел: Контролна единица на мотор, турбополнач, спојка, преносен механизам (менувач), алернатор, анласер (стартер), филтер за воздух за мотор, ладилник.
(Превземено од automedia.mk)